МИКРОЧИПИРАЊЕ

Европската федерација на ветеринари за мала пракса (ФЕKАВА) препорачува задолжително обележување на домашните миленици со вградување-имплантација на микрочип.
Исто така и Светската кинолошка федерација ФЦИ од 01.01.2010 год. дозволува учество на кинолошки манифестации-изложби и натпревари само на микрочипирани кучиња.
Со микрочипирањето –обележувањето ќе се оствари целокупна евиденција на бројната состојба на милениците во државите, ќе се овозможи утврдување на идентитетот во случај на губење, залутување, кражба и идентификација на: изложби, натпревари, промет, гранична контрола, судски вештачења итн.
Нашите закони од областа на ветеринарното здравство не се во целост ускладени со европските стандарди, регулативи и директиви на оваа тематика и проблематика. Здружението за мали животни МСАВА го актуелизира ова прашање и очекуваме наскоро во целост да се дефинира обележувањето кај домашните миленици.
Микрочипот (Имплантантот) е електронски елемент одобрен од ЕУ со димензии од неколку милиметри кој се имплантира подкожно најчесто од левата страна на вратот зад увото или помеѓу плешките.
Во него е запишан идентификацискиот број, а секој микрочип има единствен 15 цифрен број и не постојат 2 микрочипа со ист број.
Пред секој број стои кратенката со кодот на државата или на производителот. Идентификациониот број се заведува во базата на податоци каде што постојат сите информации за миленикот и за неговиот сопственик.
Со секој микрочип одат и налепници со кодот и бројот кои се лепат на книшката за вакцинации, родовникот, работната книшка, амбулантниот протокол итн. Некои компании препорачуваат и пополнување на обрасци.
Микрочиповите најчесто се направени според ИСО стандарди. Еднаш внесениот микрочип останува трајно под кожата на миленикот и не предизвикува реакции на отфрлање.
Проверката-читањето на вака обележените миленици се врши со микрочитачи кои се универзални и кои најчесто се според ИСО стандарди.
Микрочипирањето на вашиот миленик може да го направите во нашата амбуланта !